Крушево подготвено за празникот „Илинден“, се очекуваат илјадници туристи во август
Течат последните подготовки за големиот празник Илинден и Манифестацијата научно културни средби „Десет дена Крушевска Република“ со чистење и косење на трева на Мечкин Камен.
Претходно, јавното комунално претпријатие „Комуна“ работеше на улиците во градот, а во деновите што следат се очекува да се пристапи кон уредување на магистралните и регионалните патишта кои водат до Крушево.
„Работевме на поголемите улици во градот, на „Гумење“ и привршуваме на Мечкин камен. Во наредните денови очекуваме да се уредуваат магистралните и регионалните патишта со цел подобар пречек на гостите и државниот врв кој доаѓа во Крушево за големиот празник. Не’ очекуваат многу настани и мораме да бидеме подготвени за дочек на илјадници туристи во месец август“, изјави градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски.
Во однос на настаните што ова лето се одржуваат, во моментов се одржува меѓународното параглајдинг првенство „Флајмастер опен“, на 26-ти и 27-му јули „Крушево будно“, од 26-ти до 28-ми „Меѓународни денови на влашкиот народ“, од 01.08. до 10.08 „Десет дена Крушевска Република“ и од 5-ти август Светското првенство во параглајдерство.