Апел за мирно и достоинствено одбележување на празникот Илинден

Почитувани,

Празникот Илинден е празник на сите граѓани на Република Северна Македонија без оглед на етничката, религиската или партиската припадност. Секој граѓанин на државата има право овој празник да го чувствува и чествува како свој.

Заради тоа што овој празник им припаѓа на сите граѓани, општина Крушево во соработка со Министерството за внатрешни работи и Владата ќе ги преземат сите мерки кои стојат на располагање за да не се повтори насилното однесување од минатата 2018 година кога претставници на САД, владини претставници, членови на Советот на НКС „Десет дена Крушевска Република“ беа физички нападнати на Мечкин Камен.

Наша обврска е на достинствен начин на 2-ри август да ги испочитуваме сите борци за слобода на нашата држава и заеднички да прославиме за вредностите на нашето општество: мултиетничност, меѓусебно прифаќање и соживот.

Преку ова соопштение апелираме до сите кои го почитуваат овој голем македонски празник и ќе присуствуваат на централната прослава на Мечкин Камен во Крушево одбележувањето на настанот да го проследат на мирен и достоинствен начин.

На 2-ри август сите заедно да покажеме дека сме вистински патриоти.

Со почит,
Општина Крушево.