Култура

Во средбата со крушевската куќа никој не може да остане рамнодушен. Крушевската куќа сведочи за високиот станбен стандард на крушевчани, нивните високи практични и естетски вредности, долгата традиција на културата на живеење, навиките, обичаите. Во неа се споиле архитектонската меморија на москополските Власи и градителското искуство на македонските Мијаци со што створиле автентично дело – обележје на нашето традиционално градителство. Крушевската куќа е изградена во духот на традицијата, при што се водело сметка за климатските услови, конфигурација на земјиштето, како и за функционалноста и естетскиот изглед.

Ентериер Внатрешноста на куќата е ексклузивна комбинација на убавото и практичното, посебно место зазема вградената покуќнина која била исклучиво функционална и практична, изведена во дрво, што дава одредена топлина на внатрешниот простор. Таа, обично е групирана на една страна од просторијата, така што собите имаат поголема слободна површина за непречено и рационално користење, со потребната удобност и интимност.

Ентериерот на старите крушевски куќи го надополнуваат насликаните ѕидови и тавани во гостинските одаи и чардаците. Применети се елементи од флората и фауната, портрети од домаќините и т.н. Освен сликарската декорација, таваните можат да бидат изрезбани од дрво со богато изрезбана централна розета, или се појавува комбинација дрво и малтер.

Фасадите се најатрактивниот дел на крушевските куќи. Најзначајни и најатрактивни естетски елементи на фасадите се балконите, еркерите и тимпаноните. Балконите се наоѓаат на главните фасади на првиот и вториот кат, тие се оградени со декоративни огради од ковано железо.

Тимпаноните се триаголни елементи со кои завршува архитектонското и ликовно обликување на фасадите. Тимпаноните се насликани со флорална декорација, комбинација од зооморфни и флорални елементи, како и со митолошки сцени.