Крушево почисто по акцијата за чистење на отпад, доделени награди за најдобри есеи
Денес, 07.06.2019, на 6 локации во општина Крушево се спроведе акција за чистење отпад и хортикултурно уредување на централното градско подрачје заедно со Францускиот институт од Скопје, Амбасадите на Швајцарија и Франција, здружението „Go Green – Биди зелен“ и други локални придонесувачи.
Акцијата се спроведе на влезот на град Крушево, кон полетувалиштето на Мечкин Камен, месноста „Гумење“, комплексот „Езеро“ и слетувалиштето за параглајдинг, додека хортикултурното уредување го опфати градскиот парк во Крушево.
Настанот се заокружи со мал коктел, доделување награди за конкуресот за есеј „Што значи да се биде екологист“ во рамките на активностите за промоција на францускиот јазик и обраќање на градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски, заменик-амбасадорот на Амбасадата на Швајцарија во Република Северна Македонија и професорката по француски јазик од СОУ „Наум Наумовски Борче“ Весна Јаневска.
Градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски потенцира дека оваа еколошка активност е важна за сите граѓани да се поттикнат и да придонесуваат за почиста животна средина.
„Сепак, најважно од сето ова е сите ние како граѓани поактивно да се вклучиме во зачувување на средината во која живееме и да придонесеме за помалку отпад на улиците и повеќе селектирање на истиот на соодветно место, со крајна цел создавање на пријатна средина и чиста дестинација за туризам.“, изјави Христоски.
Заменик амбасадорот на Швајцарија Н.Е. Стефан Томажан посочи на примерот од неговата држава која се смета за една од најеколошките во Европа.
„И моите родите во Швајцарија започнаа на овој начин – со спроведување на акции за чистење на отпад и резултатот е евидентен. Токму затоа ве поттикнува да продолжите со вакви активности“, порача заменик амбасадорот.
Професорката Весна Јаневска ги објави победниците на конкурсот за есеј, а од страна на заменик амбасадорот Томажан и градоначалникот Христоски на Нико Доага и Петрина Станковска, како победници, им беа доделени дипломи и ваучери во износ од 3 000 денари.
Победниците од конкурсот ги прочитаа есеите напишани на француски јазик на еколошка тема, а настанот заврши со дегустација на храна подготвена од СОУ „Наум Наумовски Борче“ и „Крушевска жена“.
Големата акција за чистење на отпад беше поддржана од Францускиот институт во Скопје, Амбасадите на Швајцарија и Франција, здружението „Go Green – Биди зелен“, општина Крушево, СОУ „Наум Наумовски Борче“, ООУ „Никола Карев“, ОУ „Св, Кирил и Методиј“ од Бучин, Лајонс клубот Крушево, пицерија Скар и Витаминка.