„Јас и буџетот на општина Крушево“: Дебата на граѓаните со претставници од локалната власт, УСАИД, професори и невладин сектор
Денес (03.06.2019) во домот на култура „Наум Наумовски Борче“ се одржа дебата на тема „Јас и буџетот на општина Крушево“ на која свое обраќање има градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски, претседавачот на советото на општина Крушево Тома Петроски, професорот од економскиот факултет Димко Кокароски и директорот на УСАИД Едвард Гонзалес.
Градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски во своето обраќање се осврна на неколку позитивни примери на општина Крушево во однос на транспарентноста и трошењето на парите на граѓаните.
„Според истражување на Цивика Мобилитас општина Крушево во 2018 година беше најтранспарентна општина во државата, а како градоначалник на општината првото нешто што го направив по назначувањето беше да ги скратам непродуктивните трошоци и истите средства да ги насочам кон капитални расходи“, рече Христоски.
Претседавачот со советот на општина Крушево Тома Петроски потенцира дека дел од граѓаните се вклучуваат во работата на советот, но не доволно учествуваваат во креирањето на буџетот.
„Граѓаните, со чест на исклучоци, не секогаш се заинтересирани да учествуваат директно во креирањето на годишниот буџет од причина што ние како советници сме нивни претставници и ние, според нив, сме тие кои ги носиме одлуките врз основа на гласот што го дале за нас“, потенцира Петроски.
На дебатата се обрати и директорот на УСАИД Едвард Гонзалес кој посочи на позитивни примери во буџетско патриципирање од Соединетите Американски Држави, а професорот Димко Кокароски се осврна на праксата на државно ниво во менаџирањето на јавните финансии.
По излагањето на панелистите присутните граѓани од различни сектори имаа шанса да прашаат, да дадат свој коментар и да дебатираат со панелистите.
Настанот заврши со дегустација на храната подготвена од невладината организација „Крушевска жена“.
Ова јавно предавање е дел од проектот „Мои пари, моја одговорност“ на Finance Think – Институт за економски истражување и политики.