„Вечери во чест на Васил Иљоски“: Промовирана брошура, доделени награди и неколку драмски претстави
Викендот што измина, на 31-ви мај и 1-ви јуни, се одржа драмскиот фестивал „Вечери на Васил Иљоски“ со промоција на брошурата „Крушевчанецот Васил Иљоски“, наградување на 3 најдобри есеи за животот и делото на авторот и настап на учениците од СОУ „Наум Наумовски Борче“ и НУ Народен театар – Битола.
На настанот, како и минатата година, присуствуваше и правнуката на Васил Иљоски Иванка Иванова која се заблагодари за организацијата на овој настан и испрати пораки за љубов, поддршка и разбирање.
На отворањето на настанот се обрати градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски кој го означи почетокот на фестивалот и порача дека намерата на општината со овој настан е повторно да го воздигне името на Васил Иљоски.
„Втора година по ред работиме на овој настан и тој станува се популарен, а на пат сме да ја исполниме нашата цел – повторно да го воздигнеме името на Васил Иљоски и да дадеме значење на неговата вредност како есеист, книжевник и работник за Крушево. Васил Иљоски е уште еден крушевчанец кој вечно ќе го претставува нашиот град, нашата општина и неговите лик и дело ќе зборуваат за разноликиот потенцијал кој Крушево го има.“, рече градоначалникот на општина Крушево.
Градоначалникот Христоски додели дипломи на Марија Петроска, Петрина Станковска и Марија Стојаноска како победници на конкурсот за најдобар есеј, а локалната самоуправа ќе додели и парични награди за овие најдобри ученички.
Директорката на СОУ „Наум Наумовски Борче“, кое е дел од организацијата на фестивалот, во своето обраќање се заблагодари на присутните, учениците и внуката на Васил Иљоски за присуството.
„Велам големо „благодарам“ затоа што вашето присуство за мене значи:
- почит кон нашите напори да го направиме животот побогат,
- значи желба за соработка во интерес на промоцијата на делата на нашите предци,
- значи потврда дека нашата идеја е, благо речено, добра идеја.“, порача директорката Миленковска.
Професорот од средното училиште во Крушево ја промовираше брошурата „Крушевчанецот Васил Иљоски“ и претстави изложба со драмските претстави изведувани по темите на кои работел крушевскиот книжевник.
Вториот ден од манифестацијата се одржа во дом на култура „Наум Наумовски Борче“ со претставата „Последната ноќ“ на НУ Народен театар – Битола.