Дебата со младите за буџетот за 2018: Повеќе пари за спорт, туризам, извори на вода
Вчера, 26-ти декември 2017, во Домот на културата „Наум Наумовски Борче“ се одржа дебата со младите за предлог-буџетот за 2018 година на која покрај присутните млади збор зедоа Градоначалникот на Општина Крушево Томе Христоски, претседателот на Советот на Крушево Тома Петроски, лицето за контакт со млади Сотир Габелоски и претставник на Finance Think Благој Ѓелевски.
Претседателот на Советот Тома Петроски порача дека предлог-буџетот за 2018 предвидува повеќе пари за туризмот, барање на извори на вода и спорт.
„За наредната година планираме милион и 60 илјади денари за развој на туризмот, додека за 2107 оваа ставка изнесувала 260 000 денари. За 2018 година за нови извори на вода предвидуваме 2 и пол милиони повеќе во споредба со 2017. Исто така и за спортот предвидуваме нешто над 2 милиони денари“, потенцира Петроски.
Градоначалникот Христоски изјави дека иако предлог-буџетот за 2018 година е помал од оној за 2017 сепак е развоен и најави дека Крушево го очекува градежна експанзија од пролет 2018 година.
„Буџетот е развоен. И покрај кредитите кои треба да се враќаат немаме намера да кратиме и да штедиме кога се работи за проблемите на граѓаните. Најавувам дека од на пролет започнуваме со градежни зафати на ниво на Општина Крушево“, изјави Градоначалникот Христоски.
Претставникот на Finance Think го претстави проектот финансиран од УСАИД „Мои пари – моја одговорност“ кој директно го вклучува Крушево и организирањето на дебати и форуми за креирање на граѓански буџетот, а со цел целосна транспарентност при трошењето на парите на граѓаните.
Вработеното лице во Општина Крушево за комуникација со млади Сотир Габелоски се осврна на проектите кои директно ги таргетираат младите.
„За реконструкција на спортската сала се предвидуваат 480 000 евра пари на Европската Унија, за реконструкција на горната училишна зграда од Агенцијата за поддршка на земјоделството и рурален развој обезбедени се 15 милиони денари и учество на Општина Крушево со 3 милиони денари. Исто така, очекуваме одобрување на проектот за изградба на училиште во село Саждево“, изјави Габелоски.
На дебатата присуствуваа претставници на Локалниот младински совет и претставници на проектот на Младински Сојуз – Крушево „Youth Friendly City“.