Oпштина Крушево со Јавен повик до евидентирани невработени лица за вклучување во Програмата за Општинско-корисна работа 2023
Општина Крушево и годинава, ќе биде дел од Програмата на УНДП „Општинско- корисна работа“ со ангажмани на два асистенти за помош и поддршка при самостојно живеење -помош при извршување на инструментални активности, еден негувател и еден едукатор/аниматор на лица со попречености кои го посетуваат Дневниот центар за деца и младинци со посебни потреби во Крушево, а во рамки на Проектот: „Поддршка на заедницата“. За таа цел, Општина Крушево објави Јавен повик до евидентирани невработени лица од општина Крушево за вклучување во ОКР Програмата. Ангажманите со скратено работно време (20 работни часа неделно) на ангажираните лица ќе траaт 9 месеци и ќе бидат финансиски поддржани од УНДП и кофинансирање од Општина Крушево.
Право на учество на повикот имаат сите евидентирани невработени лица и корисници на гарантирана минимална помош, без да го изгубат правото на користење. Предност ќе имаат оние кои за првпат се јавуваат за учество во Програмата. Заинтересираните невработени лица можат да поднесат пријави за учество во Агенцијата за вработување – Центар за вработување Крушево до 16 јуни, од 08:00 до 15:30 часот.
Повеќе податоци за Повикот може да добиете на следниов линк Јавен Повик ОКР Крушево 2023
„Општинско- корисна работа” е мерка како дел од Оперативниот план на Владата на РСМ за активни програми и мерки и услуги на пазарот на трудот за 2023 година. Програмата претставува активност која овозможува унапредување на системот за обезбедување социјални услуги на локално ниво преку надополнување на постојните или воведување нови услуги. Таа промовира партиципативен пристап во дефинирањето на потребите и дизајнирањето на услугите, преку инволвирање на заедницата и институциите на локално ниво.
Програмата „Општинско- корисна работа” (ОКР) ја реализираат заеднички Министерството за труд и социјална политика (МТСП), Агенцијата за вработување (АВРМ), Центрите за вработување (ЦВ), Центрите за социјална работа (ЦСР), единиците за локална самоуправа (ЕЛС) и Градот Скопје, локалните институции и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), а истата се финансира од Буџетот на Агенцијата за вработување на РСМ и учество со кофинансирање на општините во износ од 20% од месечниот надоместок.