Економични и современи ЛЕД светилки за модерно осветлување на Крушево
Крушево ќе добие современо ЛЕД осветлување кое ќе придонесе за голема заштеда и квалитетно осветлување.
Општина Крушево го потпиша договорот за набавка, испорака и монтажа на 200 паметни ЛЕД светилки. Договорот обезбедува и 3-годишен гарантен период и одржување на енергетски ефикасните светилки.
Она што е уште поважно е дека светилките ќе можат да работат во режим на димирање, односно да се обезбеди дополнителна заштеда и да не се користи целосната моќност на светилките кога не е потребно.
„Во рамки на проектот за прекугранична соработка со Албанија започнуваме со инсталирање на 200 паметни ЛЕД светилки кои ќе придонесат, истовремено, за поекономично и поефикасно осветлување. Градот ќе биде уште подобро осветлен, а фокус ќе се стави на историските објекти, музеите и градбите од значење за крушевската и македонска култура. Продолжуваме со имплементација на проекти кои го модернизираат Крушево, придонесуваат за туризмот и го олеснуваат животот на граѓаните.“, изјави градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски по потпишувањето на договорот.
Поставување на 200 паметни ЛЕД светилки се спроведува во рамки на проектот „Крушево и Елбасан – признаена преку гранична туристичка дестинација“ кој е дел од програмата „Прекугранична соработка меѓу Република Северна Македонија – Република Албанија Инструмент за предпристапна поддрша (ИПА 2) – 2018 2020“. Вредноста на целосниот проект е 740 000 евра.