Со паркинг и опремување на брифинг зона Крушево се подготвува за новата параглајдинг сезона
Градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски со Горан Димишковски претседател на Светски параглајдинг куп го посетија полетувалиштето за параглајдинг каде што се направија консултации за типот на урбана опрема за опремување на брифинг зона, а се потврди потребата од изградба на пристапна локација (паркинг)
Изградбата на пристапната локација значи поголема безбедност и непречено организирање на натпревари и слободно летање. Активностите се одвиваат со зголемен интензитет.
Со Димишковски се направи и консултација за типот на урбана опрема која треба да се постави на полетувалиштето, активност која е во рамки на проектот „Крушево и Елбасан – признаена прекугранична туристичка дестинација“. Овој дел од параглајдингот центар всушност претставува брифинг зона која е од суштинско значење на меѓународните натпревари.
„Активностите во рамки на проектот со Прекуграничната соработка со Албанија течат непречено и тоа потврдува дека сме посветени да бидеме подготвени за 7 параглајдинг натпревари догодина и Светско првенство во параглајдинг. Досега направивме многу. Ако претходно имаше неквалитетна вештачка трева, имаме денес квалитетна која го прави полетувалиштето побезбедно и оспособено на долг рок. Имаме објект кој е завршен, ја подготвуваме брифинг зоната и се гради паркинг.“, изјави градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски.
Општина Крушево е во постојана комуникација со партнерите од општина Елбасан, Албанија, кои работат на изградба на полетувалиште за параглајдинг во рамки на прекуграничната програма.
Објектот, кој општината го изгради со финансиска поддршка од Владата, остави одличен впечаток кај претседателот на Светски параглајдинг куп. Истиот има содржини и алатки кои ги задоволуваат сите потреби за одржување на едно меѓународно параглајдинг првенство.
„Крушево и Елбасан – признаена прекугранична туристичка дестинација“ е дел од програмата „Прекугранична соработка меѓу Република Северна Македонија – Република Албанија Инструмент за пред пристапна поддрша (ИПА 2) – 2018 2020“. Вредноста на целосниот проект е 740 000 евра.