Меѓународен турнир во чест на Тоше, за прв пат во Крушево од 27 до 29 мај

На 28 мај во Крушево ќе се одржи Меѓународен турнир во фудбал во чест на Тоше Проески.

Настанот во чест на Тоше ќе трае 3 дена, односно ќе започне во петок на 27-ми мај кога се очекува да пристигне градоначалникот на Нова Градишка заедно со фудбалска екипа, а на турнирот ќе учествуваат екипи од Крушево и Скопје.

„За прв пат во Крушево ќе се одржи овој настан кој започна пред 12 години. Заедно со Нова Градишка и здружението Мандра ќе организираме меморијален турнир и посета на Крушево. Ова е уште еден настан со кој се одбележуваат ликот и делот на нашиот сограѓанин и музичка ѕвезда Тоше Проески“, изјави градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски по средбата со претставници од здружението Мандра.

Турнирот ќе започне во сабота, 28-ми мај, во 10 часот во спортската сала „Војдвода Ѓорѓи Стојанов“. За најдобрите општина Крушево ќе додели награди.

На последниот ден во недела ќе се положи свежо цвеќе на гробното место на Тоше Проески и ќе се посети спомен куќата „Тодор Проески“.

„Изминатите години овој турнир се одигруваше во Скопје, но еве годинава на наша голема чест ќе се одржи во родното место на Тоше. Со нетрпение ги очекуваме гостите од Нова Градишка затоа што Тоше Проески е нешто што секогаш ќе не соединува. Ги покануваме сите љубители на фудбалот да го посетат Крушево.“, изјави претседателот на советот на општина Андреј Николоски.