Стотина нови дрвца околу Крушевско Езеро, општествена одговорност за иднината на Крушево

Повеќе од 100 нови дрвца денес се засадија во околината на Крушевско Езеро, а акцијата беше иницирана од компанијата СЕКЕ со поддршка на општина Крушево и ПСШ „Липа“.

„Ова е веќе традиција и ќе продолжиме така. Наша среќа е што во Крушево има една општествено одговорна компанија како СЕКЕ којa не само што иницира, туку и финансиски и логистички ги спроведува активностите. Се заблагодарувам за поддршката и на ПСШ „Липа“ затоа што ова што го правиме го правиме за иднината на Крушево“, изјави градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски.

Пошумувањето се спроведе во рамки на Тренинг програмата за општествена одржливост која ја спроведува компанијата СЕКЕ за производство и проработка на тутун.

„Оваа програма вклучува поеќе општествено одговорни активности и проекти, покрај засадувањето на дрвца. Еве веќе пет години како ја спроведуваме оваа активност и во таа насока ќе продолжиме затоа што животната средина е наша одговорно“, порача Јане Станкоски од компанијата за производство и преработка на тутун.

Во акцијата учествуваа вработени во СЕКЕ, општина Крушево, ПСШ „Липа“ и волонтери.