Христоски: Крушево е едно големо градилиште, градежната сезона се активира
Градежната сезона се рестартира и тековните проекти продолжуваат.
Општина Крушево ги интензивира активностите и работата на неколку големи проекти, а се најавува уште еден проект – дополнително зафаќање на извори на вода во населба Трстеник со што ќе се обезбеди водоснабдување на индустриската зона и дел од населените места.
- Реконструкција на улица од Св. Троица до хотел Монтана со изградба на паркинг
- Тампонирање во дворот на училиштето во с. Борино
- Тампонирање на улица во с. Борино
- Изградба на резервоар во с. Јакреново
- Изградба на резервоар за вода во с. Пресил
- Санација на свлечиште на регионалниот пат Крушево – Демир Хисар.
„Крушево е едно големо градилиште. После зимската сезона со многу снег, пролетта ја почнуваме интензивно со реализација на тековните проекти и најава за уште еден нов проект. Најавувам дека покрај инфраструктурата мој личен и приоритет на општината ќе биде привлекување на нови инвеститори.“, изјави градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски.
Започнува со реализација и инвестицијата од 5 милиони евра во изградба на фотоволтаични електрани, потенцира градоначалникот, а пролетното чистење на градот е засилено со механизација.