Важни проекти во тек, општината продолжува со инфраструктурни зафати
Во изминатиот период општина Крушево заедно со централната власт работи на неколку проекти чија реализација ќе донесе решавање на проблеми од повеќе области.
Во тек се неколку тендерски псотапки, а општина Крушево очекува реализацијата на терен да отпочне за многу скоро.
На 15-ти март локалната самоуправа ги извести граѓаните дека Министерство за транспорт и врски објави тендер за реконструкција на дел од улица Питу Гули, односно од црквата Св. Троица до хотел Монтана Палас каде што ќе биде изграден и паркинг простор.
За овој проект општинтаа соработуваше тесно со Министерство за транспорт и врски и овој проект се реализира со средства од Светска Банка. Исто така, од истиот извор на финансирање ќе се реализираат уште неколку проекти од патната инфраструктура, за што локалната самоуправа дополнително ќе извести.
Понатаму, Министерството за образование и наука на 25-ти март објави оглас за јавна набавка за реконструкција на кровот и салата во ООУ „Никола Карев“. Околу овој проект се очекува конечно надминување на проблемите со кровната конструкција и оспособување на фискултурната сала со соодветни услови за потребите на училиштето и учениците.
На крајот на месец март започна опремување на театар и кино сала во горната училишна зграда. Овој простор е опремен со аудио и видео опрема, столици, акустични завеси и останати пропратни елементи за опремување на овој простор. Опремувањето на мултифункционална сала е дел од проектот „Зајакнување на општинските совети“.
Преку Центарот за развој на Пелагониско планскиот регион во околината на индустриската зона „Опаленик“ поставена е агрометеоролошка станица со што земјоделците од крушевскиот регион ќе имаат поверодостојни информации за побезбедно и поквалитетно одгледување на нивните земјоделски култури.
Месец април започна со тендер за осветлување на патот до Крушевско Езеро, едно од најпопуларните места откако општината со Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој го изградија патот од „Гумење“ до езерото.
Општината реализира уште еден проект со Министерство за транспорт и врски. Се работи за дополнително зафаќање на води во индустриска зона „Опаленик“ со што ќе се обезбеди целосно водоснабдување на сегашните и идни компании во и околу зоната. Првата фаза од овој проект чинеше 5 милиони денари и истиот беше реализиран преку Министерство за животна средина.