Започна опремувањето на театар и кино сала во горна училишна зграда
Започна опремувањето на мултифункционална сала во старата училишна зграда во Крушево. Со овој проект младите и општината ќе добијат соодветно опремени театар и кино сала.
„Овој проект е едно од најголемите барања на младите од општина Крушево. Имплементацијата ќе овозможи проширување на културно забавниот живот на Крушево и повеќе можности за младите за неформално образование. За прв пат ќе добиеме опремена кино сала и простор за театарски претстави, а целата зграда во која е сместена оваа сала ќе биде младински културен центар.“, изјави градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски.
Опремувањето на мултифункционалната сала е приоритетен проект кој беше избран од страна на граѓаните преку форуми на заедници во рамки на проектот „Зајакнување на општинските совети.
„Ова е еден проект кој произлезе од неколку активности во кои беше вклучен советот на општина Крушево. Како советници во рамки на „Зајакнување на општинските совети“ посетувавме обуки за унапредување на капацитетите на советот, подобрување на транспарентноста на советот преку набавка на опрема за пренесување во живо на седниците на совет и генерално унапредување на отчетноста и отвореноста на советот. На крајот, опремувањето на салата во горната училишна зграда е проект кој ги засега младите и истиот беше избран со директно учество на граѓаните. Навистина ми е драго што во мандатот на овој состав на советот се реализира овој проект, особено што ќе можеме седниците да ги пренесуваме во живо и нашата работа да допре до повеќе луѓе“, изјави претседателот на совет на општина Крушево Тома Петроски.
Проектот се спроведува во рамки на Проектот „Зајакнување на општинските совети“, вреден 3,4 милиони швајцарски франци, финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка и истиот е имплементиран од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за локална самоуправа, Министерството зa финансии, Заедницата на единиците на локалната самоуправа, Здружение на финансиски работници и UN Women.