Тендер за опремување на мултифункционална сала во горно училиште
Општина Крушево го објавува огласот за јавна набавка на опрема за мултифункционална сала во горна училишна зграда ООУ „Никола Карев“.
Овој тендер е резултат на спроведените форумски сесии во рамки на проектот „Зајакнување на општинските совети“ на кои граѓаните преку дискусија одлучија да се имплементира проектот за оспособување и опремување на сала за театар и кино со средства од УНДП
„Драго ми е што започнуваме со реализација на проект кој е слика на гласот на граѓаните. Токму преку проектот во кој ние советниците ги надградувавме капацитетите преку обуки, така и овозможивме граѓаните да одлучат како ќе се потрошат средствата добиени како грант од Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП).
Посебно ме радува фактот што реализираме уште еден проект во интерес на младите и со тоа работиме на збогатување на културно забавниот живот, но и на туризмот во Крушево. “, изјави претседателот на советот на општина Крушево Тома Петроски.
За градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски ова е комплетирање на проектот за реконструкција, опремување и ставање во функција на горната училишна зграда.
„Ја реконструиравме горната училишна зграда целосно. Од една зграда која беше оставена на милост и немилост, создадовме простор за млади, невладини организации и сите граѓани за едукација и забава. Ова е уште еден проект кој го имплементираме на еден транспарентен начин, буквално во партнерство со граѓаните. Со овој проект се илустрира и долгогодишната соработка со УНДП“, изјави градоначалникот Христоски.
Огласот за јавна набавка на следниот линк.
„Опремување на мултифункционална сала“ се имплементира во рамки на проектот „Зајакнување на општинските совети“, вреден 3,4 милиони швајцарски франци, финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка и истиот е имплементиран од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за локална самоуправа, Министерството зa финансии, Заедницата на единиците на локалната самоуправа, Здружение на финансиски работници и UN Women.