„Дева“ со најголема посетеност досега
Во Крушево се одржа настанот „Дева“ кој традиционално се празнува на ден пред Бадник, а овогодинешниот настан беше досега најпосетениот.
Црвените ѕвезди и традициналните песни се она што го одбележуваат овој настан, а во градскиот парк во Крушево се одржа и Божиќен базар со традиционални јадења и различни изработки на здружението „Крушевска жена“ и многу граѓани.
На настанот се обрати градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски кој ги честита новогодишните и божиќните празници и порача дека настанот „Дева“ преминува во вистинска туристичка атракција.
„Најпрво сакам да ви ги честитам новогодишните и божиќните празници, да ви посакам здравје, мир во семејството и професионален развој. Овој настан ја негува традицијата, го отсликува нашиот секојдневен живот и зборува за нашиот живот и соживот во општина Крушево. Благодарност до организаторите за тоа што во континуитет го организираат овој настан“, истакна во своето обраќање градоначалникот на општина Крушево.