Втора лига за ФК „Питу Гули“ и место во репрезентација за двајца пинг понгари

Општина Крушево забележува големи успеси во спортот оваа година со освојувањето на Третата фудбалска лига на Северна Македонија и влезот во репрезентација на двајца пинг понгари од пинг понгарскиот клуб (ППК) „Крушево“.

Фудбалската екипа ФК „Питу Гули“ во неделата (19.05.2019) издвојува победа од 3:0 во натпреварот со ФК „Бабуна“ од Велес и со тоа освои најмногу бодови во лигата и обезбеди учество во Втората фудбалска лига.

Истиот ден, Теодор Волкановски од ППК „Крушево“ на разигрување на најдобрите 8 во Штип го освои второто место и во генералниот пласман се пласираше на 3-тото место со што обезбеди настап во репрезентацијата на Северна Македонија на Балканското првенство кое во јуни ќе се одржи во Скопје. Претходно, во пионерска конкуренција Васе Богоевска исто така обезбеди настап во репрезентацијата како втора најдобра пинг понгарка во државата.

За градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски ова е голем успех и уште еден показател дека спортот е голем амбасадор на Крушево.

„Во неделата забележавме одличен и незапамтен успех во фудбалот и спортот. Во текот на целиот ден бев активен на социјалните мрежи за да ги следам резултатите и до крајот на денот веќе имавме неколку победи – едниот е втора лига за „Питу Гули“ и второто, изборувањето на Тоше Волкановски и Васе Богоевска на настап во репрезентацијата. Честитки!“, вели градоначалникот Христоски.