Новогодишно обраќање на градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски
Почитувани сограѓани,
Се ближи крајот на една година во која ги започнавме промените кои засилено ќе продолжат во наредната 2019 година. Работевме на многу проекти, реализиравме многу активности на терен, но она што допрва следи ќе ја направи вистинската промена од која Вие, граѓаните, ќе имате најголема добивка.
Во 2018-та работевме на развој на туризмот и успеавме да привлечеме за 67 отсто повеќе туристи во споредба со 2017 година и го зголемивме престојот на посетителите од 3,9 дена во 2017-та на 4,6 ноќевања во 2018 година. Поставивме нова вештачка трева на полетувалиштето на Мечкин Камен со што истото стана попрофесионално за одржување на меѓународните параглајдинг натпревари и побезбедно и за неискусни и за искусни параглајдеристи. Започнавме со имплементација на проектот од 500 000 евра од ЕУ преку ИПА 2 програмата што ќе придонесе Крушево да стане една од најатрактивните дестинации за авантуристички туризам.
Работевме и на патната инфраструктура. Реконструиравме повеќе од 15 улици во градот и населените места, а овој инфраструктурен зафат продолжува и наредната година.
Набавивме ново возило за противпожарната служба, а по Новогодишните и Божиќните празници ќе го добиеме и камионот за собирање отпад. Со ова, а и со обезбедувањето на 40 корпи и 10-тина контејнери за отпад, ја подобруваме хигиена во општината.
Започнавме со имплементација на неколку проекти. Три децении ветуваниот резервоар за питка вода почнавме да го градиме во населеното место Борино. Исто така, обезбедивме дел од средствата за зафаќање на води во индустриската зона „Опаленик“ кој по целосната имплементација, која е во тек, ќе обезбеди вода за компаниите од индустриската зона и за дел од населените места.
Реконструкцијата на горната училишна зграда, чија крајна цел е оспособување на младински културен центар, е во тек и ќе отвори простор за младите, уметниците и невладиниот сектор повеќе да придонесуваат кон развој на нашата општина.
Покрај ова, паралелно работиме на 38 проекти за градот и за секое населено место. Дел од нив очекуваме да започнат со реализација наредната година и истите ги отсликуваат суштинските потреби на граѓаните.
За 2019-та најауваме многу работа на терен и одржување на постојана комуникација, отчетност и транспарентност пред граѓаните. Но, она што сакам да Ви го посакам, мои драги сограѓани, е, пред се’, здравје, мир во семејството и во меѓучовечките односи, голем супех во Вашите кариери и убав живот за сите тука во Крушево.
Нека новата година донесе само убави работи за Вас и Вашите најблиски.
Со почит,
Градоначалник на општина Крушево
М-р Томе Христоски.