Повик до граѓаните: Да се отстранат хаварисаните возила и да не се паркира непрописно
Од утре, 04.06.2018, локалната самоуправа и полициската станица во Крушево ќе започнат со отстранување на непрописно паркирани и хаварисани возила на улиците во градот. Градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски порачува граѓаните да ги отстранат своите возила и да не паркираат непрописно и со тоа да помогнат во создавањето на поубава слика за Крушево како туристичка дестинација.
„Започнуваме координирана акција од страна на вработените во локалната самоуправа во соработка со МВР, Полициската станица во Крушево за отстранување на непрописно паркираните возила особено на влезот од Крушево, главната сообраќајница во градот, како и узурпација на места од страна на хаварисани, непрописно паркирани возила, делови и остатоци од превозни сретства на јавна површина и по улиците, раскрсниците, тесните грла, кои го нагрдуваат градот.“, порача градоначалникот Христоски.
Причината за оваа акција е што до градоначалникот на општина Крушево стигнуваат реакции од граѓаните за проблемот со возилата, но и заради подготовката за летната туристичка сезона.
„Затоа ги известувам моите сограѓани да ги отстранат возилата кои им се непрописно паркирани на јавна површина, а исто така да најдат начин да ги отстранат и хаварисаните возила со кои се попречува нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот по улиците низ градот, За да не се соочат со прекршочни постапки или со присилно отстранување на истите повторно на нивни трошок.“, додава Христоски