Усвоен буџетот за 2022-ра
Советот на општина Крушево го усвои буџетот за 2022 – ра година. Истиот изнесува 197.367.000 и, според предлагачот градоначалникот на општина Крушево, е развоен, предвидува многу проекти и се сосредоточува на приоритетите на граѓаните на општина Крушево.
„Пред вас е уште еден развоен буџет, буџет исполнет со проекти и вложување во иднината, а секако и справување со предизвиците кои ги носи модерното време, особено изминатите неколку години. Верувам сте информирани дека во 2022-ра година не’ очекуваат голем број на проекти од повеќе области. Во овој буџет по програмите, за кои подетално ќе образложат од оделението за финансии, ќе ги најдете сите дотации, донации, обезбедени и одделени средства од наша страна кои се однесуваат на тековни проекти, кои ќе се завршат догодина, и од обезбедени донации чија реализација ќе започне во 2022-ра“, вели градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски во своето образложување на предлог буџетот.
Предлог-буџетот на општина Крушево се усвои со 6 гласа за и 5 против.
На седницата на советот, последна за оваа година, се расправаше и за други точки кои ќе бидат образложени во службениот гласник.