Градоначалникот и учениците – младите да бидат активни чинители
Градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски денес одржа средба со дел од учениците во СОУ „Наум Наумовски Борче“ во рамки на проектот „Отворено општество“ кое го спроведува крушевското средно училиште.
Тема на средбата беше справување со проблемот за кучиња-скитници за што учениците имаа свои предлози и заедно со градоначалникот Христоски разговараа за подобрување на состојбата.
Целта на проектот, кој ќе биде дел од годишната програма на „Наум Наумовски Борче“, е да поттикне зголемено граѓанско учество на младите и да станат активни чинители во општеството. Дел од проектот е и ООУ „Никола Карев“.
„Големо е задоволството да се разговара со младите на теми кои не засегаат сите нас. Навистина, младите аргументирано ми пристапија и имавме еден плоден разговор. Сакам да продолжиме со вакви средби и настани за повеќе да се вклучуваат младите во општествените процеси на локално ниво.“, изјави градоначалникот Христоски по средбата.