Свежо цвеќе за уште еден роденден на Тоше Проески
Градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски денес положи свежо цвеќе на гробното место на Тоше Проески и со тоа беше одбележан 25 јануари.
„Одбележуваме уште еден роденден без Тоше, но тој е денес присутен во сите нас. Тој има само датум на раѓање, а наша обврска е да продолжиме да правиме добри дела, да организираме настани во негова чест и да го почитуваме. Така споменот за него вечно ќе живее“, изјави градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски.
Покрај општина Крушево цвежо цвеќе положија и неколку други институции и здруженија, а фановите на Тоше денес се во Крушево и со свои активности го одбележуваат овој ден.
Овогодинешното одбележување на 25-ти јануари содржи полагање на цвеќе и крводарителска акција, организирана од ОО Црвен Крст Крушево. Помалиот број на активности и настани е во насока на зачувување на јавното здравје и состојбата со коронавирусот.