Презентиран проектот за гасификација
Пред советниците на општина Крушево денес беше презентиран идејниот проект за гасификација на Крушево. По презентацијата градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски одржа работен состанок со претставниците од фирмата која го изработи проектот за понатамошна имплементација.
„Овој проект го спроведуваме по консултација со граѓаните. На нашите консултации граѓаните одговорија дека се за гасификација на Крушево и затоа пристапивме кон изработка на проекти. Денес имаме готов проект, а изработката и целиот процес се финансирани во рамки на проект на УНДП“, изјави градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски.
Проектот се имплементира во рамки на проектот „Градење на општинските капацитети за имплементација на проекти“ спроведуван од Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) и Шведската агенција за меѓународен развој.