Свечено отворање на „Десет дена Крушевска Република“ и одбележување на 2-ри август
Вчера на 1-ви август свечено беше отворена Манифестацијата НКС „Десет дена Крушевска Република“ на која се обрати претседателот на Советот на Манифестацијата и градоначалник на општина Крушево Томе Христоски
„Илинден е празник за сите нас! Илинден е празник на минатото, сегашноста и иднината!
Продолжуваме да го негуваме Илинденското наследство, наследство кое е основата на нашето постоење. 117 години достоинствено одбележуваме херојство, жртва, победа за Македонија, 117 години минато за светла иднина на Крушево.“, истакна градоначалникот Христоски во своето обраќање.
Тој порача дека Манифестацијата се одржува во несекојдневни услови и затоа граѓаните треба да се чуваат преку почитување на препорачаните мерки.
„Работата на многу проекти, како оние над 5 милиони евра кои ги донесовме во Крушево преку инфраструктура, набавка на опрема, обезбедени средства за идни проекти и решавање на проблеми, е вистински патриотизам.
„Патриотизам е да го почитуваш комшијата, да живееш со различниот од тебе, да ги вложиме сите сили заеднички за да направиме нешто убаво. Како во Манифестот, така и денес ајде да се обединиме сите етникуми како еднакви граѓани за да продолжиме да ја градиме државата, да го подобруваме нашето секојдневие, да бидеме чесни и посветени. Само така ќе го испочитуваме Манифестот, а за нашите деца ќе донесе порелаксиран живот, заснован на вистински демократски вредности. Да им се оддолжиме на Илинденците. Сите заеднички.“, заклучи Христоски пред официјално да ја отвори Манифестацијата НКС „Десет дена Крушевска Република.
Официјален поддржувач на Манифестацијата покрај Министерство за култура е и ТТК банка.
Денес, 2-ри август, се одржа централната церемонија со полагање на свежо цвеќе на гробот на Никола Карев, локалитетот Слива и Мечкин камен.