Саемот во Белград отвори многу можности за Крушево
На саемот за туризам во Белград, Србија, покрај промоцијата на Крушево како дестинација општината оствари неколку средби со организации од Балканот преку кои се отворија можности за поголем туристички развој на Крушево.
Градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски оствари средба со претставници од Регионалниот совет за соработка со седиште во Сараево, Босна и Херцеговина, на кој беше претставен проектот насловен како „Balkan Monumental Trail“ (Балканска споменична тура) која го опфаќа споменикот „Илинден“, меѓу останатите споменици од земјите од западен Балкан. Изданието ќе го промовира Крушево преку споменикот „Илинден“ како еден од локалитетите на Балканот со значајна историска и културна вредност.
„Balkan Monumental Trail“ опфаќа печатена публикација која ќе се шири низ цела Европа, а изработено е и видео како преглед на целите на публикацијата и што се’ е опфатено.
Подолу можете да погледнете фотографии од печатеното издание и најавното видео.
Градоначалникот Христоски се сретна и со претставници од „Супербрендс“. На средбата се разговараше за напредокот на Крушево од туристички аспект по добивањето на признанието Супербренд во областа на туризмот и како прва општина со вакво признание.
Христоски даде интервју за Македонската информативна агенција во која се потенцираа успесите на локалната самоуправа во туризмот во изминатите две години и кои се плановите за подобра промоција во иднина.
Се одржа и средба со Амбасадорот на Република Северна Македонија во Србија господин Александар Поповски.
Присуството на саемот за туризам во Белград втора година по ред предизвика голема заинтересираност за Крушево од страна на туристи, тур оператори, меѓународни туристички агенции и др.
Општина Крушево заедно со Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот беше дел од саемот за туризам во Белград, Србија, од 20-ти до 23-ти февруари. Заеднички институциите ќе настапат и на саемот во Загреб, Хрватска, веќе наредниот месец.