Годинава Тоше ќе добие достојно спомен обележје, одбележан денот на неговото раѓање
Крушево одбележа уште еден роденден на Тоше Проески со полагање на свежо цвеќе на гробот на пејачот и пригодна програма во спомен куќата „Тодор Проески“.
На свечената манифестација се обрати претседателот на советот на општина Крушево Тома Петроски кој порача дека оваа година конечно ќе биде изградено вечното почивалиште на Тоше Проески.
„Никогаш нема да направиме доволно за да се оддолжиме за се она што тој го направи за нас. Во оваа прилика сакам да истакнам дека кон средината на оваа година Тоше конечно ќе го добие своето спомен обележје кое ќе биде достојно на неговиот лик и дело. Наша заложба е никогаш да не престанеме да си спомнуваме и да се сеќаваме на него“, рече претседателот на советот.
На настанот се обрати и директорката на спомен куќата Елена Мирчевска која додели благодарници на сите кои учествуваа во организацијата, а потоа со музички и рецитаторски точки се претставија учениците од ООУ „Никола Карев“ и СОУ „Наум Наумовски Борче“. Општина Крушево додели две парични награди за наубавите песни за Тоше.
Покрај овие содржини се одржаа неколку изложби и настанот заврши со настап на Сара Ристеска, поранешен учесник на детска евровизија, и Уникат бенд од Битола.
Настанот се одвиваше под слоганот „Тоше има само датум на раѓање“: