До октомври Крушево го посетиле повеќе туристи од цела 2016 година
Бројот на туристи во Крушево во првите 10 месеци од годинава е поголем од бројот на посетители во цела 2016 година, а растот во споредба со првите 10 месеци од 2018 година изнесува 17 проценти
Овие бројки се извадени од уплатата на туристичка такса, а за Нова година се очекува над 1 000 луѓе да дојдат во градот.
„Трендот на пораст продолжува и оваа година и важно е што бројот на посетители постојано се зголемува. Во првите 10 месеци од годинава имаме за околу 2 000 посетители повеќе во споредба со цела 2016 година, односно над 16 000 посетители со најмалку едно ноќевање. Оваа бројка е уште поголема со оглед на фактот што дел од туристичката такса се’ уште се прикрива“, изјави градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски.
Општина Крушево имплементираше многу проекти од областа на туризмот, но и голем број на инвестиции во гранките поврзани со туризмот. Најскорешната новост е дека Владата на Република Северна Македонија одвои 4,2 милиони денари за реконструкција на полетиштето за параглајдери и изградба на објект за следење на натпреварите.