Се работи на уредување на просторот околу Крушевско езеро
Течат активностите за уредување на просторот околу викенд зоната „Езеро“ во Крушево, проект преку кој ќе се асфалтира и патот кој води до самата викенд зона и Крушевско езеро.
Овој дел од град Крушево е важен пред се заради одржувањето на многу фестивали на отворено во овој дел, но и имплементацијата на проектот ќе значи целосно доуредување на викенд зоната.
„Асфалтирањето на патот до викенд зоната е значаен затоа што конечно ќе се уреди просторот околу спортските игралиште, терените на фудбалскиот клуб „Питу Гули“, како и викенд зоната „Езеро“. Навистина ми е драго што реализираме уште едно барање на граѓаните“, вели градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски.
Покрај овој проект во месец октомври општина Крушево ќе работи на изградба на достоинствен вечен дом на Тоше Проески, асфалтирање на локални патишта до населените места Саждево и Јакреново, изградба на фекална канализација во с. Норово и реконструкција на патот с. Борино до Житоше, општина Долнени.