Од 5-ти август Светско параглајдинг првенство во Крушево

Н 5-ти август започнува Светското првенство во параглајдинг со настап на групата Фолтин во градскиот парк во Крушево.

Како и минатата 2018 година за Европското и Светско првенство во змајарство така и оваа година за 16-тото издание на Светското првенство во параглајдерство отворањето ќе се одржи во градскиот парк, а ќе започне од хотел Монтана Палас со парада до центарот на градот. Секоја држава ќе биде предводена од момчиња и девојчиња облечени во традиционални носии се до градскиот парк каде свечено ќе се отвори настанот.

На 6-ти август полетувалиштето на Мечкин камен ќе биде исполнето со 150 натпреварувачи, а Крушево очекува и до 2 000 луѓе да бидат присутни во Крушево за настанот.

„И оваа година бележиме раст во бројот на туристи и тоа е заради атрактивната понуда преку низа настани и активности како Светското првенство во параглајдинг. Крушево е топ светска дестинација за параглајдинг и авантуристички туризам и нашите проекти одат во насока на подобрување на условите за развој на овој тип на туризам“, вели градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски.

Организатор на 16-то Светско првенство во параглајдерство е Воздухопловната федерација на Северна Македонија со поддршка на општина Крушево.

Во текот на јули и август се одржуваат многу настани во Крушево:

13 јули започнува Ozone Krusevo Open
15 до 31 јули турнир во мал фудбал
21.07. Flymaster Open 2019
26-ти и 27-ми Крушево Будно 2019 / Krusevo Budno 2019
Од 1-ви до 10-ти август НКС „Десет Дена Крушевска Република“
Од 5-ти до 18 август 16-то Светско првенство во параглајдинг
17 и 18 август – Крушево низ корија – петта епизода
23.08 – 25.08 – ФИС Ролер ски куп „Тоше Проески“
26.08 – 31.08.2019 – Крушево опен, меѓународен натпревар во змајарство