Општина Крушево ќе потпише договор за соработка со општините Карпош и Нова Градишка
На 8-ми ноември во Нова Градишка, Хрватска, градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски заедно со претставници од општина Карпош ќе потпишат трилатерален договор за соработка меѓу општините Крушево, Карпош и Нова Градишка.
Една од главните причини кои општина Крушево ја спојуваат со Нова градишка е Тоше Проески, а овој договор ќе придонесе кон заеднички проекти во повеќе области.
Како една од првите активности е организирање на интернационален турнир во мал фудбал во јануари 2019-та година во чест на Тоше.
Градоначалникот на општина Крушево потенцира дека ова е многу важна соработка меѓу општините и очекува да произведе многу корисни работи за граѓаните на трите општини.
„Од оваа соработка, која е иницирана од ликот и делото на Тоше Проески, очекувам да произлезат многу позитивни нешта за нашите граѓани, како и заеднички пристап во работата на многу проекти. Започнуваме уште веднаш со организирање интернационалниот турнир во мал фудбал кој ќе се одржи наредната година во Скопје“, изјави градоначалникот Христоски.