Да ја расчистиме маглата што ја сее СДСМ Крушево околу зимското одржување на улиците во Општина Крушево
Општина Крушево согласно прoграмата за изградба, реконструкција и рехабилитација на локалните улици и патишта на подрачјето на Општина Крушево е должна да обезбеди чистење на снегот и зимско одржување на локалните улици и патишта.
Согласно Законот за јавни набавки, на 18.11.2016г. Општина Крушево објави јавен повик за избор на изведувач за зимското одржување и чистење на улиците од снег.
Да потенцираме дека согласно законските прописи ЈП „Комуна“ Крушево НЕ МОЖЕ ДА СЕ ПРИЈАВИ КАКО УЧЕСНИК НА ЈАВНИОТ ПОВИК.
На јавниот повик за избор на изведувач за зимско одржување, на транспарентен начин беше избрана фирмата ДОЕЛ „Јоска Транс – Трејд“ Демир Хисар. Од нивна страна бевме информирани дека по потреба и за квалитетно и навремено извршување на работите ќе бидат ангажирани и подизведувачи.
Се поставува дилемата дали ДОЕЛ „Јоска Транс – Трејд“ Демир Хисар при избор на подизведувачи постапи правилно:
- Дали требаше како подизведувач да ангажира поединец и да го продолжи неговиот „бонбона бизнис“, воспоставен во времето на СДСМ кога за чистење на улиците од снег, Општината му овозможи набавка на специјално „боб кет“ возило или
- Правилно постапи со тоа што како подизведувач го ангажира јавното комунално претпријатие „Комуна“ Крушево каде егзистенција за своите семејства обезбедуваат 50 вработени.
Средствата, согласно постигнатата цена и потпишаниот договор изнесуваат 325.000,00 ден. Тоа се средства кои се непроменети во изминатите десетина години и се доволни само за покривање на основните трошоци.
Со задоволство истакнуваме дека оваа година и покрај обилните снежни врнежи благодарение на новата скип машина за чистење на снег и ангажирањето на ЈП „Комуна“ улиците на целата територија на Општина Крушево се одржуваа на завидно ниво и целокупниот сообраќај се одвиваше без застој.
П.С. Колку да се знае, советничката група на СДСМ Крушево гласаше против набавката на скип машината, ровокопач-натоварувач со плуг за чистење на снег.
Општина Крушево
Градоначалник,
Ѓорги Дамчески