По повод пресот на СДСМ Крушево

krusevo

И во најсветлите моменти на прославувањето на 8-ми Септември, Денот на независноста на РМ и Денот на ослободувањето на Крушево, денот кога требаше да покажеме единство и сплотеност, денот кога требаше да покажеме чувство на припадност кон државата и родниот град партиските послушници на СДСМ Крушево повторно го искажаа својот нихилизам и деструктивност.

Откако како локална самоуправа ги потсетивме граѓаните на реализираните проекти и проектите кои се во тек, побрзаа да истурат куп навреди и клевети.

Го обвинуваат Градоначалникот дека место реализирање на проекти се грижи исклучиво за сопствените бизнис зделки.

Бизнис зделките на Градоначалникот на Општина Крушево, Ѓорги Дамчески постојат само во заматените умови на партиската врхушка на СДСМ Крушево.

Градоначалникот Ѓорги Дамчески не поседува ниту сопствена фирма, ниту фирма на свој близок со која би реализирал бизнис зделки.

Со помош на централната власт продолжуваме со етапна реализација на ветените проекти од интерес на граѓаните.

Кон крајот на месец септември 2016 год. ќе издадеме одобрение за градба на повеќенаменското и тениските игралишта.

Локалната власт немаше волшебно стапче да ги воскресне уништените фирми и да ги отвори изгубените работни места во периодот на владеењето на СДСМ но направи конкретен чекор кон возобновување на уништеното стопанство – она што им е најмногу потребно и што најмногу го ценат граѓаните.

Отворањето на текстилниот погон на „Фалко“ – 60 работни места и инвестирањето на тутнската компанија „СЕКЕ СА“ во индустриската зона се најдобар доказ за тоа.

Граѓаните знаат, граѓаните ценат.