Делегација од Нова Градишка во посета на Крушево
По повод 8 годишнината од загинувањето на нашата и балканска музичка ѕвезда, Тоше Проески, делегација предводена од заменик-градоначалникот на Нова Градишка Лилјана Лукачевиќ го посети Крушево.
Во придружба на Градоначалникот на Општина Крушево, Ѓорги Дамчески, делегацијата која ја сочинуваа и екипата на ракометните ветерани од Нова Градишка, Хрватска и претставници од Здружението на ракометните ветерани на Македонија ја посетија „Спомен куќата на Тоше Проески“, неговото вечно почивалиште на Гумење како и споменикот „Илинден“ при тоа запознавајќи се со живото и делото на Тоше како и најзначајните моменти од историјата на Крушево.
Лукачевиќ при средбата со градоначалникот Ѓорги Дамчески, нагласи дека цела Нова Градишка го негува споменот на Тоше.
„Доаѓаме првпат по осум години за да покажеме дека го почитуваме она што Тоше го работеше, не само како пејач, туку и како исклучителна личност, како мисионер на верата, љубовта и надежта. Со години Нова Градишка е домаќин на маратонците, така беше и годинава.“
Кратка средба претставува прв чекор во соработката на двата градови кои несомнено се поврзани со една нераскинлива врска.