Одбележана 110 – годишнината од смртта на Никола Карев
Со панихида во храмот „Пресвета Богородица“, полагање на свежо цвеќе на гробот на Никола Карев, изложба за ликот и делото на Карев, поетско читање на литературни творби на учениците од ООУ „Никола Карев“ и нивните гости како и пригодна програма, се одбележа патрониот празник на основното училиште кое го носи името на првиот Претседател на Крушевската Република а со тоа и 110 годишнината од неговото загинување.
– Од неговото трагично загинување како резултат на предавство, да извлечеме една поука и да испратиме порака до идните генерации, дека предавствата, шпиунирањето, кодошењето не носат ништо добро за Македонија, напротив носат зло, за целиот македонски народ.Пред нас престои една поинаква битка, за економско заживување на градот, отворање на нови работни места, и влегување на Крушево и Македонија во ЕУ – порача Градоначалникот Ѓорѓи Дамчески.
Исто така по повод јубилејот беше изработен и јубилеен поштенски жиг со поштенскиот број на поштата од Крушево и мотиви од ликот на Никола Карев со кој што на 27.04.2015г. се печатираа сите поштенски пратки кои се испраќаа од или до Крушево.