Општина Крушево троши помалку од планираното, да не се манипулира со бројките
Почитувани,
Општина Крушево троши помалку од планираното и буџетираното кога се однесува на потрошувачката на гориво и масла. Оваа информација ја знаат и советниците од коалицијата на ВМРО ДПМНЕ, но прашањето е дали свесно се манипулира за да се создаде погрешна слика кај граѓаните.
На советничко прашање ВМРО ДПМНЕ побара податоци за потрошувачката на масла и гориво од страна на локалната самоуправа.
Од аспект на потрошувачка на течни горива општина Крушево потрошила нула денари, затоа што не користи течни горива. Оттука, податокот дека општината испланирала 336 000 денари, а потрошила двојно од тоа е лага и манипулација со бројките. Течни горива користат училиштата, но во објавата на ОК ВМРО ДПМНЕ Крушево тие се прикажани како трошоци на општина Крушево.
Кога се однесува на ставката за горива и масла повторно податоците се погрешни. Општината троши помалку од планираното. Во објавата, парите кои се потрошиле и за училиштата и за ТППЕ Крушево и за локалната се прикажани како трошоци само на локалната самоуправа.
За возилата од локалната и ТППЕ Крушево се потрошени 570 984, а се испланирале 670 000. Во потрошената сума се вклучени и дотациите од државата за училиштата и не се само трошоци на локалната самоуправа како што се прикажува.
Ги информираме граѓаните дека ОК ВМРО ДПМНЕ Крушево документите кои ги добива ги објавува нецелосно на социјалните мрежи. Партијата ги добива сите податоци, но се објавуваат оние делови кои се корисни за онаа цел која сака партијата да ја постигне.
Криење на податоци не може да има и локалната самоуправа не може да потроши повеќе од она што го има. Повторно, напоменуваме дека трошоците на локалната самоуправа се драстично помали од планираните.
Општина Крушево ќе одговори на сите прашања на партиите и граѓаните. Очекуваме објава од ОК ВМРО ДПМНЕ Крушево во однос на трошоците за сервисирање на возилата каде што ние точно ќе ги изнесеме податоците и ќе бидеме отчетни пред граѓаните и повторно ќе повикаме да не се манипулира со бројките.