Комуна започнува со расчистување на „мини диви депонии“
Јавното претпријатие за комунални дејности „Комуна“ Крушево започнува со расчистување на мини диви депонии. Денес „Комуна“ го расчистуваше пределот околу чешмата „Тухарица“, односно веднаш до гробиштата.
Директорката на „Комуна“ Станка Ефремова Трајкоска најавувајќи ја оваа акција порачува дека граѓаните на Крушево ќе мора да бидат партнери во оваа активност.
„Започнуваме со расчистување на места каде што се складирал отпад. Сакаме да ги расчистиме сите вакви мини диви депонии и истите да останат чисти делови од градот. За ова ќе ни треба поддршка од сограѓаните во насока на зачувување на овие места чисти и одлагање на отпадот на соодветните места.“, изјави вд директорката на „Комуна“.
Изминатиот период „Комуна“ беше сериозно опремена. Набавени се десетици нови контејнери, потоа нови камион за отпад, трактор со плуг за снег, метларка, соларка и друго. Исто така, комуналното претпријатие работи на подобрување на својата транспарентност и унапредување на двонасочната комуникација со граѓаните.