Нова вештачка трева за организација на светски првенства
Во присуство на министерот за локална самоуправа Горан Милевски, заменикот Зоран Димитровски и директорот на Центарот за развој на Пелагониско плански регион Гого Видимче пуштен е во употреба целосно реконструираното полетувалиште за параглајдинг во Крушево.
На ова полетувалиште се постави двојно поголема вештачка трева која треба да обезбеди попрофесионална организација на меѓународните натпревари и да донесе поголема безбедност за учесниците, што и, впрочем, е нивно најголемо барање.
„Во 2021-ва година овде се одржува Светското првенство во змајарство, а од годинава станавме официјален тест центар за еден од најголемите производители на падобрани во светот. Оттука и потребата да ова полетиште биде побезбедно и оспособено за одржување на поголеми натпревари. Се заблагодарувам за поддршката од министерството и Центарот за развој на пелагониско плански регион. Овој проект е во насока на унапредување на условите за авантуристички туризам во Крушево.“, изјави градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски.
Министерот Милевски при оваа средба се информира и за плановите на општина Крушево за развој на авантуристичкиот туризам и изрази отвореност за соработка и поддршка на општината во своите амбиции, преку програмите на министерството.
Проектот за поставување на нова вештачка трева чини 64 000 евра.