ОБНОВЕНО Градоначалникот се откажува од разликата во платата до 14 500ден. и ќе ја уплати во фондот за борба против Ковид-19

По примерот на градоначалникот на град Скопје Петре Шилегов и градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски се откажува од дел од платата до 14 500 денари.

Еве што напиша градоначалникот Христоски на социјалната мрежа „Фејсбук“:

„Не само што текстот и статусот го препишувам од мојот колега, соборец како што е градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, туку несебично го почитувам, ќе го поддржам и ќе го следам неговиот одличен пример за солидарност:

Без оглед на одлуката на Уставниот суд на Република Северна Македонија, разликата од мојата плата до 14.500 денари ќе ја уплатам во фондот за борба против епидемијата од вирусот Ковид 19.

Живееме во време во кое секој од нас, треба да покаже барем малку солидарност и колективна одговорност.

Државните функционери (секој од нас поединечно) треба да предничат во тоа чувство на одговорност.

Седете дома (иако е тешко). Секој од нас е одговорен за своето и јавното здравје.

Почитувајте ги препораките за социјална дистанца и носење на заштитна опрема.

Во извештаите за состојбата на заболените, луѓето се само бројка, но, почитувани, таа бројка може да биде било кој од нас.

Секој е важен. Секој човек е важен.

#СедиДома
#ПочитувајПрепораки“, напиша градоначалникот на општина Крушево.