Прв пат во 30 години ќе се реновира Центарот за социјални работи во Крушево
Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, денес го посети Центарот за социјална работа во општина Крушевo, при што го означи почетокот на втората фаза на реконструкција и реновирање на Центрите за социјална работа во Република Македонија.
“Станува збор за 7 центри за социјална работа кои што во период од 9 месеци целосно ќе бидат реконструирани, реновирани и ќе бидат опремени со нов мебел и опрема. Денес се започнува со реконструкција на Центарот за социјална во Крушевои Демир Хисар, а исто така ќе се заврши рекoнструкција и реновирање на Центрите за социјална работа во Прилеп, Битола, Охрид, Штип и Гевгелија со тоа што ќе се финализира и втората фаза за која што се инвестираат финансиски средства во износ 38.000.000 денари за потполно реновирaње.“ – изјави Спасов.
Тој најави дека целосно ќе се промени дограмата – вратите и прозорите, ќе се постави нов под и санитарни јазли, нова електрична инсталација и видео надзор, ќе се изврши молерисување и просториите ќе се опремат со нов мебел и опрема со што ќе ќе се добие нов објект и поквалитетни и современи услови не само за работа туку и за прием на странките кои што, како што нагласи Спасов, заслужуваат достоинствени услови за остварување на своите права од социјална и детска заштита.
“И понатаму, не запираме тука, ќе продолжиме со трета фаза на реновирање на Центрите за социјална работа преку ИПА програмата на ЕУ, и очекуваме до средината на оваа година очекуваме да биде потпишан договор за реновирање на дополнителни 19 Центри за социјална работа и со тоа да го затвориме целиот пакет, осносно сите Центри да бидат комплетно реновирани и значително модернизирани и подобрени условите за работа” – заврши Спасов.
Директорката на Центарот за социјални работи во Крушево, Елена Степаноска додаде дека ова е прв пат центарот да биде реновиран од неговото отварања во 1981 година и дека на овој начин ќе се обезбедат квалитетни услови за работа на вработените во Центарот.
Градоначалникот на Општина Крушево изјави дека е задоволен од секој ваков проект кој се спроведува во Крушево и со кој се овозможува повисоко ниво на достапност до услугите кои ги нудат институциите за граѓаните и условите за работа не само на Центарот за социјална работа туку и на било која друга институција во Крушево.