Мечкин Камен се прогласува за значајно културно наследство
По иницијатива на општина Крушево споменикот Мечкин Камен се прогласува за значајно културно наследство со што овој локалитет соодветно ќе се одржува и инфраструктурно зачува.
Со доставување на Елаборат за валоризација на споменикот на културата Мечкин Камен и Предлог за донесување акт за прогласување на споменикот Мечкин Камен Министерството за култура го прогласува споменикот за значајно културно наследство со заштита од трет степен.
„Во таа смисла валоризацијата на доброто и предлогот се во функција на дефинирање на јавниот интерес за негова заштита, а со тоа и целосно подведување под дејство на прописите за заштита на културното наследство“, стои во Решението за прогласување на значајно културно наследство.
„Досега овој значаен историски локалитет не беше никако регулиран и со тоа не можеше да се одржува за дополнително да го испочитуваме нашето славно минато илустрирано во споменикот. Успеавме да издејствуваме овој локалитет да се регулира и заштити со што Министерството за култура го донесе ова Решение. Овој споменик е изграден во 1983 година, а наша цел е вечно да биде симбол на Крушево.“, изјави градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски.