Крушево ќе добие нов реконструиран параглајдинг центар
Општина Крушево ќе го реконструира полетиште за параглајдерство на Мечкин Камен и ќе изгради објект за следење на натпреварите, канцелариски простор за учесниците и слични содржини. Оваа објава доаѓа по одлуката на Владата на Република Северна Македонија да постапи по барањето на општина Крушево за изградба на дел од инфраструктура на полетиште за параглајдинг и за проектот оддели 4,2 милиони денари.
„ На оваа редовна 171 седница, Владата на Северна Македонија донесе одлука да го прифати барањето на Општина Крушево од централниот буџет да бидат одобрени 4,2 милиони денари за финансирање на проектот „Изградба на дел од инфраструктура во Центар за параглаjдинг во Крушево“, стои во соопштението на Владата.
„Крушево ќе добие нов реконструиран параглајдинг центар на веќе постојното полетиште на Мечкин Камен и контролна кула за следење на натпреварите за параглајдерство и змејарство за во 2021 година да бидеме подготвени за светското првенство во змејарство и за многу други меѓународни натпревари кои ќе следат“, изјави градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски по одлуката на владата.