Прес конференција за Манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“
Во просториите на Агенцијата за млади и спорт денес во 12 часот се одржа прес конференција на која беше претставена програмата на Манифестацијата научно културни средби „Десет дена Крушевска Република“ која започнува на 01.08 и ќе трае до 10.08.2019.
Градоначалникот на општина Крушево и претседател на Советот на Манифестацијата Томе Христоски порача дека оваа година програмата е збогатена и модернизирана и оваа година се очекува поголем наплив на туристи.
„Ако минатата година посетеноста се зголеми за 30 отсто во споредба со 2017 година во периодот на Манифестацијата оваа година заради збогатената и модернизирана програма очекуваме уште поголема посетеност. Паралелно со многу параглајдинг натпреварувања кои се одржуваат во Крушево ние како локална самоуправа нудиме и поддржуваме многу други настани од областа на музиката, спортот и генерално културата.“, изјави градоначалникот Христоски.
Градоначалникот се заблагодари на поддршката од Министерството за култура и Владата, а оваа година, како што потенцира, Манифестациајта доби силна поддршка од општествено одговорната НЛБ банка АД Скопје. „Десет дена Крушевска Република“ е поддржана и од Комерцијална банка и Витманика.
Секретарот на „Десет дена Крушевска Република“ Трајче Шекрески во детали ја презентираше програмата за оваа година.
„Традиционално коњаницата ја пречекуваме на 31-ви јули во центарот на Крушево во 18 часот, а после тоа не очекува изложба „Крушевска одаја“ на здружението АН-БЛОК и изложба „Уметнички мозаик“ на Тања Јовчевска и Гордана Дамјаноска. Во вечерните часови заедничка трпеза во храмот Св. Богородица со учесниците во коњаницата. Манифестацијата ја отвараме со читање на манифестот, обраќање на претседателот на Манифестацијата и настап на Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ во 20:30 на „Гумење“ во Крушево и Емин Џијан и Македонска филхармонија во 22:00 на истата локација на 01.08.2019.
На 2-ри август ќе се одржи централната манифестација на Мечкин Камен каде што делегации ќе положат цвеќе, ќе се интонира химната од страна на Влатко Груевски и обраќање на премиерот на Република Северна Македонија Зоран Заев.
На 3-ти август се одржува програмата во рамки на одбележувањето на унгарската култура и традиција со следниве активности: Полагање на венци на спомен плоча во чест на загинатите од 1956г. во дворот на одморалиштето „Бегова Корија“, Промоција на книга посветена на бегалците од 1956 година “Под Пазувите на Коријата” во 17:00 часот во домот на култура „Наум Наумовски Борче“ и во 20:30 ч. настап на народен оркестар и фолклорна група на плоштадот „Никола Мартиноски“.
На 4-ти август денот за одбележување на влашката култура и традиција започнува во 10 часот со полагање на цвеќе на гробот на Тоше Проески, потоа во 11 часот во хотел Панорама Спа трибина за пописот кој треба да се одржи во државата, во 17:30 часот промоција на книга во храмот Св. Никола, во 18:30 промоција на компакт диск со влашки песни, а во 19: 30 уште една промоција на книга. Од 20:30 часот традиционалната вечер на влашки песни на градскиот плоштад.
На 5-ти август концерт во чест на Тоше на Влатко Груевски – тенор на летната сцена во 20:00, а на 6-ти настап на хорот Злата Мегленска на градскиот плоштад во 21 часот.
Во рамки на 7-от ден од Манифестацијата не очекуваат две театарски претстави на летната сцена. Прво „Зеленковци“ театарска претстава за деца со почеток во 19:00, а во 21:00 „Првин ќе ме земеш, па после ќе ме..“ претстава за возрасни. Двете претстави се во изведба на театар Провокација.
На 8-ми август Средбите продолжуваат на летната сцена и тоа со концерт на групата Бона Деа од Скопје со почеток во 20:30 часот. На 9-ти во градскиот парк организираме журка за помладата популација со групата „Шербет“ и ди џеј Галоски со почеток во 21:00.
Манифестацијата ќе ја затвориме со Викторија Лоба пред споменикот „Илинден“ и засолнување на бајракот и почесна стрелба во чест на хероите на Илинден и Крушевската Република.“, презентираше секретарот на Манифестацијата НКС „Десет дена Крушевска Република“.
И секретарот се заблагодари на поддршката која доаѓа од поединци и компании, а изрази особена благодарност до НЛБ банка АД Скопје за, како што рече, финансиската и логистичка поддршка на сите дена на „Десет дена Крушевска Република“.