Ќе се асфалтира пристапниот пат до Јакреново

Ќе се асфалтира пристапниот пат до с. Јакреново во должина од 411 метри откако синоќа Владата на Република Северна Македонија на седница оддели средства за финансирање на проектот.

Реконструкцијата на пристапниот пат, кој го опфаќа и с. Саждево, а истиот пат е користен и од жителите на с. Борино, е во рамки на Програмата за рамномерен регионален развој на подрачјата со специфични развојни потреби, преку Министерството за локална самоуправа, односно Бирото за регионален развој.

Целиот проект чини 2.199,541 денари, а според градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски ова е само почеток на подобрување на патната инфраструктура во населените места.

„Ова е само почеток во процесот на подобрување на патната ифраструктура за полесно функционирање на тамошните жители, но и подобрување на општинските услуги кон граѓаните. Заедно со Владата продолжуваме да ги решаваме проблемите и се фокусираме на клучни проекти како овој. За скоро продолжуваме и во останатите населени места“, рече градоначалникот Христоски.

Досега општина Крушево обезбеди средства за реконструкција на патот с. Борино кон Житоше, општина Долнени, се реконструираа локални улици во селата Норово, Алданци, Саждево и Св. Митрани, како и изградба на резервоар за вода во с. Борино, тампонирање на пристапни патеки до земјоделски површини во населените места Алданци, Врбоец, Борино, Саждево и Пресил и многу други проекти.