Активностите на водоводната мрежа во Саждево завршија, од денес приклучоци на домаќинства
ЈП „Комуна“ Крушево ги заврши активностите во спроведување на крак од водоводна мрежа во должина од 300м, а од денес се очекува спроведување на приклучоци на овој крак на домаќинства.
Исто така, комуналното претпријатие изврши санација на постарата линија на која ќе се приклучат дополнителен број на домаќинства.
Директорот на „Комуна“ Наум Илиески најавува дека во договор со месното население ќе се постават и водомери со што, генерално, ќе се подобри водоснабдувањето на с. Саждево.
„Десетина домаќинства ќе се поврзат на новиот крак, а по санирањето на постоечкиот крак ќе овозможиме приклучок и на други домаќинства и куќи. Во моментов преговараме за поставување на водомери во населеното место Саждево“, изјави директорот Наум Илиески.
Со средства на Европска инвестициона банка, преку Министерство за транспорт и врски, локалната самоуправа веќе работи на изградба на цевковод во ова населено место во должина од 2,3 километри.