Зголемени приходи и рационално трошење на парите на граѓаните – завршна сметка за 2018
На последната седница на Советот на општина Крушево градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски даде осврт на завршната сметка и годишниот извештај за менаџирањето со средствата на општина Крушево.
Во своето обраќање градоначалникот Христоски порача дека приходите бележат зголемен пораст како наплатата на туристичакта такса која е неколкукратно зголемена, а капиталните приходи се зголемиле од 433 000 денари на 2 670 750 денари.
Во однос на расходите, тие се сведени само на продуктивното трошење на парите на граѓаните. Висок е процентот на реализација на расходите за улично осветлување, одржување и санација на улици, проекти во туризмот.
„Според завршната сметка неданочните приходи на општината во 2018 година се зголемуваат, заедно со капиталните приходи кои се зголемени за неколку пати, од 433 000 на 2 670 750 денари. Заедно со донациите кои ги обезбедивме и враќањето на сите заостанати кредити и долгови буџетот е во добра кондиција, а парите на граѓаните се користат домаќински и според нивните потреби.
Кога се работи за расходите, колку за илустрацијата, изминатата година се реконструираа повеќе од 15 улици, а чистењето на снегот беше на високо ниво и беше исчистена секоја пристапна улица за лесно движење на граѓаните, нешто што не било случај изминатите години. За одржување на улици и патишта се реализираа 85 отсто од предвидените расходи или над 2 милиони денари, за денес да имаме проодни и санирани улици, достапност во зима и поубава средина за прием на посетители.“, порача градоначалникот на општина Крушево.
На крајот, градоначалникот порача дека и во 2019 година ќе се работи домаќински, со фокус на приоритетите на локалната самоуправа базирани на интересите и потребите на граѓаните.
„Како што се зголемуваат приходите, така стратешки и паметно се користат расходите на општината. И во оваа 2019 година продолжуваме да работиме домаќински со насочување на парите кон граѓаните и подобрување на наплатата на сите видови на такси, особено на туристичката. Конечно, парите на граѓаните се трошат домаќински и илустрација за тоа е вратениот долг од 13 милиони денари, отплатените кредите, а во меѓувреме набавка на возила, имплементација на проекти, опремување на службите и др.“, додава Христоски.