Се зголемува бројот на туристи во Крушево, раст од над 50% на ноќевањата
Бројот на туристи во Крушево во првите осум месеци од годинава забележал значителен пораст во споредба со истиот период лани.
Според уплатената туристичка такса мината година во периодот од 1-ви јануари до 25-ти август во Крушево се реализирале 10 975 ноќевања, додека оваа година, за истиот период се реализирале 16 353 ноќевања.
Зголемувањето на бројот на ноќевања повлекува и зголемување на бројот на туристи, а градоначалникот Томе Христоски порачува дека локалната самоуправа работи секојдневно овие бројки да растат во текот на цела година.
„Годинава забележуваме значително зголемување на ноќевањата и тоа е заради настаните кои ги организираме, промовирањето на понудата на градот, соработката со приватниот угостителски сектор, а секако и параглајдинг натпреварите. Продолжуваме да работиме секојдневно бројките да растат“, порача градоначалникот Христоски.
Христоски додава дека зголемувањето на бројот на туристи значи повеќе приход за угостителите и раздвижено и исполнето Крушево.