Викендов Крушево го посетија над 3 000 туристи за „Вен ин Крушево“ и „Полиш опен“
Изминатиот викенд (29.06 – 01.07.2018) за фестивалот „Вен ин Крушево“ (When in krusevo) Крушево го посетија околу 3 000 луѓе вклучувајќи ги параглајдерстите и сите заинтересирани за престојното полско првенство во параглајдерство.
Фестивалот на отворено Вен ин Крушево (When in Кrusevo) содржеше музички концерти, планинарски, велосипедски, ботанички, тури со кајак, оф роуд (of road) тури, крушевска софра и друго.
Првата вечер на концертот на отворено, меѓу другите, настапија Игор Џамбазов и Гуру Харе, додека втората вечер главни ѕвезди беа Inner Circle. Саботното претпладне беше резервирано за планинарските и велосипедските тури и школа за тенис организирана од клубот „Југ“, додека попладнето околу Крушевско езеро се одвиваа кросфит и јога часови, дегустација на храна, кајак тури и друго.
Последниот ден беше резервиран за планинарската трка на 24 километри низ крушевската корија, а во центарот на градот беше поставена крушевска софра, заедно со музичка забава. Фестивалот официјално беше затворен со проекција на македонскиот филм „Исцелител“ на градскиот плоштад „Никола Мартиноски.
По завршувањето на настанот организаторите преку својата Фејсбук страница се заблагодарија на соработниците, волонтерите и учесниците на фестивалот.
„Драги пријатели, соработници, волонтери и особено гости кои ни дојдовте во голем број и кои го разубавивте настанот во секој поглед – ви благодариме од сѐ срце за прекрасно поминатите три дена и за успешното второ издание на Outdoor festival When in Krusevo 2018! Се надеваме дека и вие уживавте исто колку нас, па се гледаме повторно идната година во Крушево! Ве сака тимот на When in Krusevo! <3“, порачаа организаторите преку социјалната мрежа Фејсбук.
Градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски по настанот порача дека оваа е еден од моментите кога е преубаво да сте во Крушево.
„Овој викенд ако не сте биле во Крушево сте пропуштиле многу. Благодарение на Вен ин Крушево градот го посетија над 3 000 посетители, а од понеделник започнува национално првенство на Полска во параглајдерство со што се очекуваат уште туристи. Создаваме позитивна слика за Крушево и истото го градиме. Благодарност до сите што се приклучуваат кон нашата заложба“, изјави градоначалникот Христоски.
„Вен ин Крушево“ се одржува по втор пат во Крушево.