Екс-директорот на Дом на култура правел бизнис со својата фирма и трошел по крушевски ресторани
Разрешениот директор на Домот на култура во Крушево во 2016 година си правел бизнис со сопствената фирма и потрошил речиси 40 илјади денари по крушевските ресторани, покажува внатрешната ревизија.
Доскорешниот директор на Домот на културата „Наум Наумовски Борче“ Сашо Дамјаноски во 2016 година за потребите на институцијата со која раководи набавил дрва за огрев од „Дамјан Комерц“, фирма за која, според ревизијата, постои сомнеж дека е во сопственост на негов роднина и која користи идентична електронска пошта со директорот на Домот.
На „Дамјан Комерц“ тој префрлил 25 илјади денари и постои сомнеж дека го прекршил Законот за спречување на корупција и Законот за спречување на судир на интереси.
Дамјаноски исто така делел службени телефони без одлука на одборот на институцијата и за телефонски сметки во 2016 година доспеале фактури во износ од 39 илјади денари. Дополнително, за оваа набавка на услуги и материјали не бил спроведен тендер и со тоа бил прекршен Законот за јавни набавки, кој предвидува за набавки поголеми од 500 евра да се спроведе јавна постапка, стои во внатрешната ревизија.
Понатаму, за набавка на книги бил спроведен тендер на кој бил одбран еден субјект од каде според Законот за јавни набавки треба да се набавуваат материјали и стока, но екс-директорот купувал и трошел во фирми кои не биле дел од оваа јавна постапка.
Внатрешната ревизија е спроведена по налог на Градоначалникот на Општина Крушево Томе Христоски и била спроведен од 27 ноември до 1-ви декември 2017 година.