Заев: Секоја јавна набавка јавно достапна, општините ќе ги носат одлуките
На обуката организирана од Прогрес институтот премиерот на Република Македонија Зоран Заев им порача на градоначалниците ширум земјава, вклучително и градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски, дека општината ќе го има последниот збор во работата, но и јавните набавки пред да се спроведат ќе се објавуваат на општинските портали.
Како што најави премиерот сите јавни набавки ќе почнат да се спроведуваат по нивното објавување на веб страниците на општините.
„Не можеме и нема да даваме наредби како Влада, но ќе дадеме препораки за кои што како претседател на СДСМ ќе сакам да ги следите, а тоа се оние што ќе се однесуваат за општините. Секој договор за јавна набавка, после завршена тендерска процедура се склучува и може да почне да се реализира само кога ќе се објави јавно, на веб-страната на општината.“, потенцира премиерот Заев.
Заев додава и дека секоја јавна набавка ќе биде предмет на јавна расправа и мониторинг по нејзиното јавно објавување.
„Јавно мора да биде достапен секој договор за јавна набавка. Тоа ќе значи мониторинг и јавен коментар на граѓаните за секој тендер, која фирмата што ќе работи, која е цената, која е постапката во која што е одредена. Ве уверувам дека тоа ќе заштити многу и во вашето работење и генерално како држава.“рече Заев.
Градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски по изјавата на Заев потенцира дека заложбата на новата локална самоуправа е да се работи отворено и решенија да се донесуваат преку дебата, а тоа ги вклучува јвните набавки.
„Наша заложба е да работиме транспарентно и да ги консултираме нашите сограѓани. Оваа препорака на Зоран Заев е добредојдена и се обврзуваме целосно да ја почитуваме“, вели Христоски.